Секој има своја „вистина“ – што е вистински баланс?
Секој ден слушаме за најразлични диети и начини на исхрана, и секој тврди дека тоа е правиот начин.
Слушаме и за правилна и балансирана исхрана, но што навистина значи тоа?
Слушаме и за едни како викаат дека квалитетот на храната е најбитен, и други како викаат дека калорискиот внес е најбитен.
И едните и другите постигнуваат резултати и се во право.
Главната улога на исхраната е градење на телото и добивање енергија. Но, храната е и задоволство. Тајната е да се најде балансот помеѓу овие две работи за да може да уживате во исхраната на долг рок. Од таму, доаѓа и здравјето.
Што е поважно: квалитет или калории?
Ние не можеме да го изградиме телото и да имаме енергија ако јадеме премалку за нашата потрошувачка, дури и тоа да е квалитетна храна.
Дали 2000 калории од лоша храна се подобри од 0 калории? Секако.
На пример, прегладнето дете во Африка е подобро да изеде хамбургер отколку да не јаде ништо.
Дали 2000 калории од лоша храна се подобри од 100 калории од здрава храна (ако ви требаат минимум 2000 за да преживеете)? Секако.
Дали 1000 калории од лоша храна + 1000 калории од добра храна се подобри од 2000 калории од лоша храна? Дефинитивно.
Дали 2000 калории од добра храна се подобри од 2000 калории од лоша храна? Се подразбира.
Па како што можете да заклучите, за исхраната, а и за се друго, не постојат апсолутности. Има многу нивоа помеѓу екстремните точки.
Дали мора да избереш едно? Не!
Така да, на прашањето и моменталната дебата во светот за кое е побитно, калориите или квалитетот на храната?
Јас би рекол ДВЕТЕ се подеднакво битни. И зошто не би можеле двете да ги практикуваме за да добиеме максимален бенефит од исхраната?
Moжеш да бидеш фит и здрав без да броиш калории и само да внесуваш здрава храна? Апсолутно.
Можеш да бидеш фит и здрав со броење калории и храната да не е 100% здрава? Апсолутно.
Можеш да бидеш фит со внимавање на калориите и внесување на здрава храна? Според мене најдобрата опција!
Што е балансирана исхрана – едноставно кажано
Да сумираме, “правилната„ и балансирана исхрана се состои од две работи:
Квалитетна храна – доволно макро (протеини, јагленихидрати и масти) и микро нутриенти (витамини, минерали, ензими, итн.) од што помалку преработена храна.
Пример:
-
20г протеин од виршли или салама и од пилешки стек, телешко месо или риба не е исто.
-
20г јагленихидрати од бело лиснато пециво и од компир не е исто.
-
20г масти од мајонез и од ладно цедено маслиново масло не е исто.
Калориски внес – колку енергија конзумирате наспроти колку енергија трошите.
Ако внесувате повеќе од што трошите, ќе качувате телесна тежина, но:
-
Ако вежбате и конзумирате квалитетна храна (доволно протеини, итн.), таа ќе биде во мускулна маса
-
Ако вежбате и не конзумирате квалитетна храна (шеќери, процесирана храна, итн.), таа ќе виде во масти (складирана енергија) и дополнително ќе го поремети функционирањето на телото, енергијата, и генерално здравјето
-
Ако не вежбате, таа ќе биде во масти (складирана енергија)
Сепак, 100 калории од колачиња и 100 калории од јајца го немаат истиот ефект на телото.
Да, на крајот на краиштата треба да сме во калориски дефицит (да внесуваме помалку отколку што трошиме) за да намалуваме на телесни масти и тежина, да јадеме исто калории колку што трошиме за да одржуваме иста тежина или да јадеме повеќе отколку што трошиме за да качуваме, но НЕ НА СМЕТКА НА ЗДРАВЈЕТО.
80% добри навики + 20% живот = успех
Запазувајќи ги овие две работи, вие ќе имате успех во исхраната, зависно од тоа кои се вашите цели и активности.
Дури и 80% да јадете здраво и да запазувате на калорискиот внес, со 20% на “нездрава„ храна, вие ќе имате успех и резултати.
Тука е и тој баланс што треба да се најде токму лично за вас и да може да се одржува долгорочно.
Како изгледа исхрана кај различни типови на спортисти?
И се ова зависи од вашата цел, животен стил и физичка активност/спорт.
Спринтер и маратонец немаат иста исхрана. Како овие две работи горе би се примениле во двата случаеви?
Спринтерот во поголем процент би конзумирал протеин поради потребата од поголема мускулна маса. Мастите и јагленитехидрати би ги користел за енергија според неговите потреби и потрошувачка, со доволен калориски внес за да одржува низок процент на телесни масти во телото (бидејќи мастите тежат, но не даваат движење на телото што е битно во брзината).
Маратонецот во поголем процент би конзумирал масти и јаглени хидрати поради потребата од големо количество енергија на долг временски период и би внесувал доволно протеин за да се опоравува и гради неговото тело каде што нема потреба од толкава мускулна маса бидејќи на долги стази му пречи отколку што му помага.
Заклучок
Се надевам овие податоци ви дадоа една поинаква перспектива и поголемо разбирање и ќе ви користат за поголема контрола врз исхраната и вашето здравје.
Со тоа, постигнувањето на вашите цели е многу полесно.
Се гледаме на тренинг!
Подготвил: Бојан Диков