Зошто е ВАЖНО да продолжиме да вежбаме сега

Во наредниот период ни доаѓаат најубавите празници и, несомнено, многу прослави, дружби и гозби!

Кафаните и домовите ќе бидат полни со вкусна храна и пијалаци, и сосема е нормално да се опуштиме и да уживаме во тоа.

Но, токму сега е моментот кога е најважно да се потсетиме на нашите фитнес цели! Не дозволувајте празничната еуфорија да го прекине вашиот континуитет и напредок кој го градевте цела година!

Зошто е ВАЖНО да продолжиме да вежбаме сега:

  • Вежбањето ќе ви помогне да ја “потрошите” дополнителната енергија (калории) што ќе ја внесете од празничните трпези. Наместо да се чувствувате подуено и тешко, ќе се чувствувате поенергично.
  • Полесно е да одржувате темпо, отколку да почнувате од нула во јануари.
  • Редовната физичка активност го зајакнува имунитетот, што е клучно за да останете здрави и витални во текот на зимскиот период.

Не мора да бидете совршени. Целта не е да јадеме како за натпревар, туку да најдеме баланс.

Нашиот совет е ако знаете дека вечерта ве очекува голема прослава, направете го вашиот тренинг наутро. Вежбајте и уживајте во прославата без чувство на вина!

Ве очекуваме на тренинг, да дадете сè од себе и влезете во Новата година посилни, поиздржливи и горди на себеси.

Ајде да го направиме овој празничен период најдобар досега!

Се гледаме на тренинг!

Подготвил: Филип Тодоровски

Двата најважни принципи во исхраната

Секој има своја „вистина“ – што е вистински баланс?

Секој ден слушаме за најразлични диети и начини на исхрана, и секој тврди дека тоа е правиот начин.

Слушаме и за правилна и балансирана исхрана, но што навистина значи тоа?

Слушаме и за едни како викаат дека квалитетот на храната е најбитен, и други како викаат дека калорискиот внес е најбитен.

И едните и другите постигнуваат резултати и се во право.

Главната улога на исхраната е градење на телото и добивање енергија. Но, храната е и задоволство. Тајната е да се најде балансот помеѓу овие две работи за да може да уживате во исхраната на долг рок. Од таму, доаѓа и здравјето.

Што е поважно: квалитет или калории?

Ние не можеме да го изградиме телото и да имаме енергија ако јадеме премалку за нашата потрошувачка, дури и тоа да е квалитетна храна.

Дали 2000 калории од лоша храна се подобри од 0 калории? Секако.

На пример, прегладнето дете во Африка е подобро да изеде хамбургер отколку да не јаде ништо.

Дали 2000 калории од лоша храна се подобри од 100 калории од здрава храна (ако ви требаат минимум 2000 за да преживеете)? Секако.

Дали 1000 калории од лоша храна + 1000 калории од добра храна се подобри од 2000 калории од лоша храна? Дефинитивно.

Дали 2000 калории од добра храна се подобри од 2000 калории од лоша храна? Се подразбира.

Па како што можете да заклучите, за исхраната, а и за се друго, не постојат апсолутности. Има многу нивоа помеѓу екстремните точки.

Дали мора да избереш едно? Не!

Така да, на прашањето и моменталната дебата во светот за кое е побитно, калориите или квалитетот на храната?

Јас би рекол ДВЕТЕ се подеднакво битни. И зошто не би можеле двете да ги практикуваме за да добиеме максимален бенефит од исхраната?

Moжеш да бидеш фит и здрав без да броиш калории и само да внесуваш здрава храна? Апсолутно.

Можеш да бидеш фит и здрав со броење калории и храната да не е 100% здрава? Апсолутно.

Можеш да бидеш фит со внимавање на калориите и внесување на здрава храна? Според мене најдобрата опција!

Што е балансирана исхрана – едноставно кажано

Да сумираме, “правилната„ и балансирана исхрана се состои од две работи:

Квалитетна храна – доволно макро (протеини, јагленихидрати и масти) и микро нутриенти (витамини, минерали, ензими, итн.) од што помалку преработена храна.
Пример:

  • 20г протеин од виршли или салама и од пилешки стек, телешко месо или риба не е исто.

  • 20г јагленихидрати од бело лиснато пециво и од компир не е исто.

  • 20г масти од мајонез и од ладно цедено маслиново масло не е исто.

Калориски внес – колку енергија конзумирате наспроти колку енергија трошите.

Ако внесувате повеќе од што трошите, ќе качувате телесна тежина, но:

  • Ако вежбате и конзумирате квалитетна храна (доволно протеини, итн.), таа ќе биде во мускулна маса

  • Ако вежбате и не конзумирате квалитетна храна (шеќери, процесирана храна, итн.), таа ќе виде во масти (складирана енергија) и дополнително ќе го поремети функционирањето на телото, енергијата, и генерално здравјето

  • Ако не вежбате, таа ќе биде во масти (складирана енергија)

Сепак, 100 калории од колачиња и 100 калории од јајца го немаат истиот ефект на телото.

Да, на крајот на краиштата треба да сме во калориски дефицит (да внесуваме помалку отколку што трошиме) за да намалуваме на телесни масти и тежина, да јадеме исто калории колку што трошиме за да одржуваме иста тежина или да јадеме повеќе отколку што трошиме за да качуваме, но НЕ НА СМЕТКА НА ЗДРАВЈЕТО.

80% добри навики + 20% живот = успех

Запазувајќи ги овие две работи, вие ќе имате успех во исхраната, зависно од тоа кои се вашите цели и активности.

Дури и 80% да јадете здраво и да запазувате на калорискиот внес, со 20% на “нездрава„ храна, вие ќе имате успех и резултати.

Тука е и тој баланс што треба да се најде токму лично за вас и да може да се одржува долгорочно.

Како изгледа исхрана кај различни типови на спортисти?

И се ова зависи од вашата цел, животен стил и физичка активност/спорт.

Спринтер и маратонец немаат иста исхрана. Како овие две работи горе би се примениле во двата случаеви?

Спринтерот во поголем процент би конзумирал протеин поради потребата од поголема мускулна маса. Мастите и јагленитехидрати би ги користел за енергија според неговите потреби и потрошувачка, со доволен калориски внес за да одржува низок процент на телесни масти во телото (бидејќи мастите тежат, но не даваат движење на телото што е битно во брзината).

Маратонецот во поголем процент би конзумирал масти и јаглени хидрати поради потребата од големо количество енергија на долг временски период и би внесувал доволно протеин за да се опоравува и гради неговото тело каде што нема потреба од толкава мускулна маса бидејќи на долги стази му пречи отколку што му помага.

Заклучок

Се надевам овие податоци ви дадоа една поинаква перспектива и поголемо разбирање и ќе ви користат за поголема контрола врз исхраната и вашето здравје.

Со тоа, постигнувањето на вашите цели е многу полесно.

Се гледаме на тренинг!

Подготвил: Бојан Диков

Триаголник на здравјето

Зборот здравје има многу различни дефиниции, коишто биле употребувани за различни цели со текот на времето. Но генерално, кога  велиме здравје, тоа се однесува на физичка и емотивна благосостојба, особено поврзана со нормално функционирање на телото, и отсуство на болест, болка или повреда.

Уште една интересна дефиниција е: целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, и не само отсуство на болест.

Кои се трите основи коишто ни ја даваат оваа состојба?

  • Добра исхрана
  • Добро вежбање или физичка активност
  • Добар сон

Многу често, се запоставува една или повеќе од овие основи, но тие се взаемно поврзани и влијаат една на друга. Замислете ги како еден триаголник каде што ако едниот агол се подобри и зголеми, и другите два се подобруваат и зголемуваат истотака, и обратно, ако едниот се влоши и намали, и другите два се влошуваат и намалуваат. Така да, многу тешко, а и скоро невозможно е да се постигнат долгорочни резултати или цели доколку не работиме на подобрување на сите три основи.

Примери:

  • Доколку добро извежбате, многу веројатно е дека подобро и ќе спиете, а со тоа и телото и хормоните ќе функционираат подобро што ќе ве натера да имате подобар избор при исхраната и подобро ќе се храните.
  • Доколку лошо спиете, нема да имате многу енергија за вежбање и соодветен опоравок, и вежбањето дури може да направи контра-ефект, и за телото да ја надокнади таа енергија и поради лачење на хормони на стрес, ќе бара брза енергија како шеќери, премногу јагленихидрати, итн. Дополнително, ако пиете повеќе кафе поради тоа, уште повеќе ќе се влошуваат хормоните и сонот, а со тоа и тренингот/вежбањето и исхраната.
  • Доколку навечер изедете цела пица и легнете да спиете, дури и да спиете повеќе часови, најверојатно нема да се разбудите свежи и наспани, а со тоа потешко ќе ви оди со вежбањето или физичката активност.

Од овие примери можеме да видиме како овие три работи се взаемно повразни и влијаат една на друга и доколку сакаме ЗДРАВЈЕ на долг рок, мораме да работиме на подобрување на сите три бидејќи доколку една заостанува, можеби ќе имаме краткорочни подобрувања, но на долг рок тоа нема да биде одржливо.

Па затоа, почнете од една точка и подобрувајте ја, па потоа постепено и чекор по чекор, заедно подобрувајте ги и останатите. Тоа не мора да бидат некои големи промени, туку мали промени, една по една, кои со тек ан време ќе направат огромна разлика.

Како на пример:

  • намалете го шеќерот и процесираната храна
  • намалете колку кафиња пиете на ден, доколку пиетее 3-4, постепено преминете на 1-2
  • легнете си малку порано и наспијте се малку подолго
  • почнете да вежбате и да се движите почесто на ниво коишто се чувствувате добро.

Ние во ATG, ви стоиме целосно на располагање за вежбањето, каде што ве водиме точно низ процесот и скалата на способност без болка. За другите две можеме да ви помогнеме, да ви дадеме совети, да ве насочиме, но најмногу зависат од вас.

Вежбајте, спијте и хранете се убаво! Се гледаме во сала!

Подготвил: Бојан Диков

Што значи фитнес и до кога треба да вежбам?

Го слушаме зборот ФИТНЕС многу често во денешно време, но што навистина значи?

Ајде да ги видиме овие 2 дефиниции на зборот фитнес:

  • состојбата кога сте физички силни и здрави (именка)
  • кога сте здрави и силни доволно за да извршувате тешка физичка работа или да играте спорт (именка)

Па, како што може да видите, под фитнес не се подразбира да имате големи мускули или видно изразени абдоменални мускули. Фитнесот е да се биде здрав, доволно силен и мобилен за да можете да ги извршувате секојдневните физички активности или спорт. Не мора да значи дека треба да имате ГОЛЕМИ мускули за да бидете фит. Тоа зависи од целта и тоа што сакате да го правите, НО главниот фокус треба да е на ЗДРАВЈЕТО.

Во денешно време, многу често на фитнесот се гледа главно како алатка за добар изглед, но делот здравје е запоставен и има многу “фит” луѓе наоколу коишто имаат повреди, болки и други неповолни состојби со телото кои што ги онеспособуваат да прават физички активности, да се здрави и да спортуваат.

Како тоа човек што не дигнал тег во животот е поздрав од човек што неделно троши часови и часови во вежбање? Најчестата причина е фокусот само на физичкиот изглед, а не да бидеш здрав и доволно силен за да правиш физички активности.

Ако фокусот на вежбањето е здравје и балансирано вежбање според вашите цели и потреби, добриот изглед ќе дојде посекако, како споредна работа, бидејќи вие ќе можете да продолжите да вежбате и секојдневно да сте физички активни и да спортувате.

Ако вежбате само за да изгледате добро, здравјето и балансираното вежбање не секогаш е запазено, поради обсесивност за подобар изглед, и доаѓа до одредени болки и повреди коишто се резултат на дисбалансирано вежбање. На пример, ако претерано правите вежби за абдоменалните мускули, но притоа не правите исто толку вежби и за грбот и останатите делови од телото, доаѓа од пореметување на структурата на телото, и тоа си носи одредени проблеми.

Затоа, мојот совет, според моето досегашно 15-годишно искуство е да го гледате фитнесот и вежбањето како алатка за здравје, сила и мобилност за да бидете способни да правите физички активности секојдневно и непрекинато со години, и добриот изглед којшто секако ќе се случи е бонус!

Кога главниот фокус на фитнесот нема да биде големи мускули и задници, потрошени калории и килограми, и ќе биде здравје, движење, енергија и долговечност, тогаш ќе предизвикува вистинска физичка и ментална промена кај луѓето.

Првото, ќе предизвикува фрустрации, незадоволство од сопственото тело, дисбаланс во телото посветувајќи се повеќе на еден дел.

Второто, е тоа што вистински значи дефиницијата на зборот фитнес и како нашето тело е природно создадено да функционира.

И за крај, фитнесот не е нешто што започнува и престанува, вие не би престанале да се туширате некој ден само затоа што се чувствувате дека веќе сте чисти. Фитнесот е дел од водењето грижа за вашето тело кое после некое време станува навика и вежбањето секој ден со различен интензитет треба да стане дел од вашиот животен стил. Не мора секогаш да биде вежбање додека не ви се сврти или не се препотите, дури и пешачење и неколку лесни вежби дневно ќе направат разлика на долг рок. Ќе научите да уживате во тоа дури и ако никогаш не сте ни замислиле дека би можеле. Кога еднаш ќе ја осетите таа слобода и контрола врз вашето тело која што ја развивате со текот на времето, чувството е бесценето и не само што ја крева вашата самодоверба и ве прави да изгледате одлично, туку и прави се во животот да изгледа возможно и полесно.

Тоа е тајната за големи резултати и постигнувања. Ништо не се случува преку ноќ. Но, малите промени секој ден и секоја недела после одредено време прават огромна разлика. Се зависи од вас и од вашата одлука кога ќе започнете да ги менувате работите на подобро преку мали чекори секој ден и секоја недела.

Подготвил: Бојан Диков